Милан и Атлетико Мадрид во трка по Фабрегас

Цеск Фабрегас воопшто не е задоволен што го загуби првотимскиот статус во Челси и веќе најави дека летово сигурно ќе ги промени клупските бои. За шпанскиот фудбалски генијалец нема да биде проблем да пронајде нов врвен клуб, а според медиумите ширум Европа, најзаинтересирани за Фабрегас се челниците на Милан и на Атлетико Мадрид.

На новите кинески газди на Милан им е јасно дека ќе мора да доведат неколку засилувања од светска класа ако сакаат да го вратат тимот близу до врвот на италијанскиот и европскиот фудбал. Покрај врвен голгетер, изборот е паднат врз Фабрегас, кој би бил главен организатор на играта на „росонерите“. Италијанскиот прволигаш подготвил понуда од 30 милиони евра за шпанскиот репрезентативец, додека Фабрегас би имал плата од шест милиони евра по сезона.

Останува да се види дали шпанскиот ас ќе прифати преселба во Италија, или пак ќе се реши за враќање во татковината каде Атлетико Мадрид сака да го доведе на „Висенте Калдерон“. Диего Симеоне се интересираше за овој одличен играч за врска и минатата сезона, но сега ситуацијата е поинаква бидејќи Фабрегас самиот инсистира на заминување, а челниците на Атлетико се оптимисти дека ќе можат да го убедат да му се приклучи на овој клуб.

Се вчитува...