Мама миа, какво дерби: Милан се врати од „мртвите“, Јуве на колена

Милан со неверојатен пресврт го победи Јувентус со 4-2, во извонредното второ полувреме во кое беа постигнати сите шест погодоци од овој натпревар. Првите 45 минути не донесоа ниту една стопроцентна шанса, но затоа вториот дел донесе фуриозен фудбал.

Рабио постигна гол за паметење, земајќи ја топката длабоко на својата половина, по што францускиот плејмејкер својот соло-продор го круниса со прекрасен погок од дваесетина метри. Нешто подоцна Роналдо стрелаше прецизно за 0-2, по што се чинеше дека прашањето на победникот е решено. Сепак, ситуацијата се промени откако во 62. минута по прегледување со ВАР беше досуден пенал за Милан што Ибрахимовиќ го претвори во гол. „Росонерите“ добија крила, заиграа полетно и во следните седум минути го шокираа актуелниот шампион, правејќи целосен пресврт со головите на Кесие и на Леао.

„Црно-белите“ беа во шок, па нововлезениот Алекс Сандо им подари една топка во својот шеснаесетник на домаќините, по што Ребиќ стави точка на големиот пресврт и ја осигура победата на Милан.

Јувентус и покрај денешниот пораз останува огромен фаворит за титулата бидејќи има седум бода предност во однос на второпласираниот Лацио. Милан со вечерашниот триумф се искачи на петтото место на табелата со 49 бода, еден повеќе од Рома и Наполи.

Се вчитува...