Милано и со втор едноподруго дебакл во Евролигата, Димитријевиќ се врати на паркетот

Олимпија Милано доживува и втор едноподруго дебакл во Евролигата. Италијанскиот тим, по претходниот убедлив пораз од белградски Партизан од 70-90 пред својата публика, овој пат доживеа вистинско понижување со поразот од Анадолу Ефес во Истанбул од неверојатни 44 поени разлика, 110-66.

Од самиот почеток на мечот откако домашните ја добија првата четвртина со 24-9 беше јасно дека Милано го очекува вистински „потоп“. И, така беше до крајот на натпреварот. Во ниту еден момент, тимот на Еторе Месина не успеа да парира на расположените домаќини.

Во тимот на Олимпија Милано се врати македонскиот репрезентативец Нено Димитријевиќ, по паузата од еден месец поради повреда, и за 16 минути на паркетот запиша четири поени, три асистенции и еден скок.

Најефикасен кај Анадолу Ефес беше Французинот Беабои со 18 поени, а Нигериецот Нвора заврши со 15 поени. Кај Милано се издвои Брук со 13 постигнати поени.

Се вчитува...