Легендарниот Томас Милер смета дека Баерн Минхен и во новата сезона ќе биде без вистинска конкуренција во борбата за титулата во Бундеслигата.
Поранешниот фудбалер на баварскиот гигант, кој денес настапува за Ванкувер Вајткапс, очекува Баерн повторно да освои огромен број бодови и не верува дека некој од ривалите може да му се доближи.
„Не гледам ниту еден тим во Германија кој може да му конкурира на Баерн оваа сезона. Веројатно ќе освојат околу 89 бодови, колку што имаа и минатата сезона. Не верувам дека некој друг ќе успее да стигне до сличен број“, изјави Милер за „Велт“.
Германецот се осврна и на Баер Леверкузен, кој во сезоната 2023/24 успеа да го прекине доминантниот период на Баерн и да ја освои титулата без пораз.
Според Милер, тоа било исклучок, а не најава за промена на односите на силите во германскиот фудбал.
„Баер Леверкузен успеа еднаш, во сезоната 2023/24, благодарение на исклучителните настапи и големиот број голови постигнати во финишот на натпреварите. Но, тоа беше исклучок. Не мислам дека оваа сезона ќе се појави нов Леверкузен“, додаде Милер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
