Милев: Ни недостасува препознатливата мотивираност и единството

ЕКИПА во Љубљана,

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

Македонската одбојкарска репрезентација со биланс од три порази и еден освоен сет, денеска ќе има ден пауза во пресрет на двата последни натпревара од групниот сегмент на Европското првенство во Љубљана. Во мечот против Финците на почетокот од шампионатот, прекрши воведниот сет кој потоа повлече пораз за нашата селекција. Против Турција го покажавме најслабото издание и ги манифестиравме буквално сите недостатоци во играта, особено во третиот сет.

Најсветлата точка засега е третиот сет од дуелот против европскиот првак Русија во кој нашите одбојкари одиграа најдобро во досегашниот тек од првенството, но не успеаја да го добијат.

„Ни недостасува препознатливата мотивираност и единството. Третиот сет против Русија покажа дека можеме да ги вратиме самодовербата и мотивацијата и тоа е начинот на кој треба да продолжиме. Доколку имавме вакви силни натпревари  и претходно ќе беше подобро, ни фалат натпревари од ваков ранг за да можеме да влегуваме рутински во овие средби. Со мотивацијата од третиот сет против Русија би можеле да играме против секого“ – вели Владо Милев.

Селекторот Матијашевиќ признава дека тимот има слабости кои не се должат само на неискуството од настапи на големи напреварувања.

„Постојано зборуваме за неискуството, но мора да се признае дека и технички заостануваме зад другите репрезентации. Ние во еден дел од подготовките многу работевме на техниката, но многу е тешко да промениш веќе формирани играчи“ – вели селекторот Матијашевиќ.

Македонската репрезентација в понеделник во вечерниот термин ќе го одигра дуелот со Белорусија, а потоа во вторник ќе ја има и супертешката пресметка со репрезентацијата на Словенија.

Се вчитува...