Милевски: Етеми ќе ја зголеми конкуренцијата, за жал и натаму имаме проблеми со повреди

Селекторот Благоја Милевски денеска го соопшти списокот за квалификациските натпревари против Ерменија и против Исланд. Единствено ново име е Валон Етеми од Истанбулспор, а за него Милевски кажа дека ќе ја зголеми конкуренцијата во националниот тим.

„Валон е селектиран со генерацијата 96-97, беше селектиран на еден селективен меч на младата репрезентација. Тогаш играше во Албанија. Во новото првенство игра во одлична форма во Истанбулспор, има целосна минутажа, ако продолжи така има квалитет да ја зголеми конкуренцијата на крилните позиции. Неспорно е дека има потенцијал за во иднина. Не треба да се потцени втората лига во Турција, има квалитетни играчи и екипи“, рече Милевски.

Тој се осврна на повредите на Адеми и на Николов, а објасни зошто на списокот го нема и Никола Ѓорѓев.

„Веќе сме навикнати да се соочуваме со проблеми од повреди. Исто беше во септемврискиот дел, го немавме Адеми, во октомврискиот го немавме Барди, сега сме без Николов. Под знак прашалник се Спировски и Костадинов, но последните информации ни даваат појасна слика. Дејан Илиев направи хируршки зафат на менискусот, сме и без него, но сите остнати се иста. Ѓорѓев го нема поради слабата минутажа која ја има во моментов“, изјави Милевски.

Селекторот ги искажа своите очекувања од натпреварот со Ерменија на 11. ноември во Ереван.

„Момците ќе дадат и повеќе од 100% од нивните можности. Одиме како и на секој натпревар да се надигруваме, по можност и да победиме. Сето она што го работиме да го материјализираме, без разлика на противникот секогаш одиме на победа. Се надевам дека сите повикани ќе бидат здрави и ќе одговорат на предизвикот на тој натпревар со Ерменија. Противникот ни е добро познат. Одигравме еден одличен меч во Скопје, имавме повеќе доминација, но тоа не ни дава право да бидеме опуштени во пресрет на овој меч. Не очекува тежок меч, мотивиран противник кој исто така има шанси како и ние за второто место во групата. Мислам дека сме подготвени за тој предизвик, и никако не се откажуваме до крај додека постојат и теоретски шанси со што би биле задоволни. Секогаш мотивот е на највиско можно ниво и главна цел е да дојдеме до победа“, истакна селекторот.

Се вчитува...