Милевски: Можеби згрешив со стартниот состав, против Португалија со променет тим!

ЕКИПА во Бидгошч,

Владимир Булатовиќ, Никола Ѓуровски, Игор Паневски

Македонскиот селектор Благоја Милевски на прес-конференцијата по мечот со Србија, истакна дека е задоволен од покажаниот карактер на фудбалерите во вториот дел, но разочаран од играта во првото полувреме. За дуелот со Португалците најавени бројни измени во стартниот состав.

„Мислам дека сите љубители на фудбалот уживаа во натпреварот кој беше поделен на две полувремиња. Двете селекции имаа по едно полувреме, и на крај можеби е резултатот е реален иако ние може да жалиме затоа што до 90. минута имавме победа. Сакам да кажам дека одигравме лошо прво полувреме, сите играчи потфрлија во првиот дел, одигравме лошо како тим, а тоа е нашата сила. Можеби и јас згрешив со составот во првиот дел, а сето тоа потоа го поправивме на полувреме“ – рече селекторот Милевски, притоа дополнувајќи:

„Сакам да им честитам на фудбалерите кои покажаа карактер во второто полувреме, одиграа добро во вториот дел по едно лошо полувреме. Мислам дека кога се игра вакви натпревари на едно елитно првенство, паѓа и концентрацијата, па на крајот попуштивме во одбраната и дозволивме можеби лесен гол на противникот. Ние сите знаеме дека нашите играчи 90% играат во македонското првенство кое не нуди многу врвни натпревари од ваков тип, па затоа сите фудбалери сето тоа го дополнуваат со силен карактер и успеваат да дојдат до позитивни резултати“.

Елиф Елмас се издвои како поединец кој заслужува да игра од првата минута…

„Тоа ќе го видиме пред дуелот со Португалија, но може да кажам дека против Португалците ќе играме со сосема нов променет стартен состав. Сега веќе немаме шанси за пласман во полуфиналето на ЕП, па токму затоа против Португалија ќе играме со нов тим, давајќи можност и на фудбалери кои треба да бидат наши носители во следните квалификации“ – истакна Милевски.

Се вчитува...