Милевски: Не се плашиме од никого… Големиот празник ќе ни биде само дополнителен мотив

Фудбалската репрезентација на Македонија утре ќе ја пречека Романија во натпревар од 6. коло во квалификациите за пласман на Светското првенство 2022 година во Катар. Селектор на „црвено-жолтите“, Благоја Милевски вели дополнителен мотив за сите ќе биде тоа што утре славиме 30 години од независноста.

„Притисок нема потреба да има никаков. Тоа што е национален празник утре ни претставува само мотив плус. Романија како репрезентација е доста сериозна и квалитетна. Составена од квалитетни поединци. Мечот со Македонија доаѓа во добар момент за него. Не се плашиме од никого, сконцентрирани сме на нашата работа и на тоа како ние треба да изгледаме на терен. Не мислам дека утрешниот натпревар ќе биде одлучувачки и сметам дека во оваа група нема да биде ништо решено се до последното коло. Веќе го заборавивме последниот натпревар на Исланд и мислите ни се само за Романија“, изјави Милевски. 

Милевски додаде дека ова е една нова Македонија и сега е почеток на една нова ера.

Со оглед на првиот наш одигран натпревар во Романија. Мислам дека сега се наоѓаме во една сосема друга ситуација. На почеток на еден проект кој го имаме како федерација за тоа како треба да изгледаме во иднина. Ова е наш прв собир и од тоа што го видов досега и тоа како сум задоволен. Мислам дека не чека еден поинаков натпревар од тој што го игравме во Романија“, изјави Милевски. 

Натпреварот меѓу Македонија и Романија кој ќе се игра утре на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје е закажан за 20.45 часот.

Се вчитува...