Милевски: Не сум изненаден, сите на ЕП ќе бидат во најсилен состав, но и Македонија!

Македонија на Европско првенство во фудбал. Овој сон го остварија селекторот Благоја Милевски и младите фудбалери до 21 година, а сите заедно ќе го живееме во втората половина на јуни. Се ситнат деновите до големиот европски самит на најголемите фудбалски таленти, а меѓу нив ќе биде и Македонија, во група заедно со Шпанија, Португалија и Србија.

Шпанците веќе го објавија списокот на патници за ЕП, и на него се наоѓаат имиња на фантастични фудбалери, како Марко Асенсио од Реал Мадрид, Денис Суарез од Барселона, Хектор Белерин од Арсенал, Жерар Делофеу од Милан, Ињаки Вилијамс од Атлетик Билбао…Србија исто така денеска објави дека ќе играат со Марко Грујиќ од Ливерпул, Сергеј Милинковиќ Савиќ од Лацио, Андрија Живковиќ од Бенфика, а сигурно дека и Португалците ќе ги донесат сите свои ѕвезди на Европското првенство во Полска.

„Не сум изненаден, сите ќе играат на Европското првенство во најсилен состав. Шпанците веќе го објавија составот, Србија исто така, а се очекува тоа да го стори и Португалија. За мене, се е тоа веќе познато. Но, и Македонија ќе игра во најсилен состав. Да не заборавиме, нашите фудбалери беа првопласирани во групата каде беа Франција, Украина, Исланд…Сигурен сум дека ќе бидеме подготвени за предизвикот и против селекциите на Европското првенство“, вели за ЕКИПА, селекторот Благоја Милевски.

milevski i reprezentativci

Тој и во јуни ќе продолжи со двојна акција.„Европејците“ ќе ги прозива на 4.јуни, кога официјално ќе почнат подготовките за настап на ЕП, а претходно ќе има и собир со новата генерација, како подготовка за новиот квалификациски циклус.

„Стартуваме уште на почетокот на јуни, прво со новата генерација фудбалери која ќе го игра следниот квалификациски циклус. Имавме во план пријателски натпревар со Грузија, но тие откажаа поради некои сопствени проблеми, па сега сме во разговори за тест против Босна и Херцеговина. А со селекцијата која ќе игра на ЕП во Полска, ќе започнеме со подготовки на 4.јуни. Ќе тренираме во Скопје до 12.јуни, кога и ќе отпатуваме на Европското првенство. Нема да имаме тест – натпревар, сакам да ја сведеме на минимум можноста за несакани повреди. Се молам само сите да дојдат здрави на прозивката и да ги имам сите на располагање за настап на ЕП“, истакнува Милевски.

Конечно, во Македонија да завладее и фудбалско навивачко лудило. Секоја чест на другите спортови, но фудбалот е мегдан каде што навистина се мери силата…

Се вчитува...