Милевски: Новиот репрезентативен изглед ќе биде да функционираме на терен како тим, а не да се потпираме само на индивидуалните квалитети на поединци!

Македонскиот селектор Благоја Милевски во пресрет на првиот свој натпревар на клупата на македонската репрезентација ја потенцираше позитивна слика во националниот тим меѓу секој од фудбалерите која треба да биде темел на идните успеси на Македонија во квалификациите за СП 2022, па се до крајната цел за пласман на ЕП 2024.

„Пред се сакам пред првиот репрезентативен натпревар да изразам благодарност за оние кои не се со нас тука, Горан Пандев, Иван Тричковски и Крсте Велкоски, а кои во минатото дадоа свој огромен придонес за репрезентацијата. Сега не чека еден вид нов почеток за националниот тим иако многу добро се познаваме со сите фудбалери. Интенцијата на новиот репрезентативен изглед ќе биде, ако досега сме се потпирале повеќе на индивидуалните квалитети на поединци, сега на терен вистински да функционираме како тим. Целта е во прв план да избие колективот кој секако ќе биде темелен на неспорните квалитети на сите репрезентативци и неспорниот позитивен карактер кој го поседуваат“ – истакна селекторот Милевски на прес-конференцијата пред утрешниот дуел со Ерменија, притоа дополнувајќи:

„Многу добро и пред овој собир знаев и за индивидуалните квалитети на секој од фудбалерите и за нивниот однос надвор од терен, но мора да кажам дека навистина низ овие неколку денови наидов и на дополнително попозитивна слика од тоа што ја очекував. Се работи за врвни професионалци кои знам дека лесно ќе се прилагодат на некои новини, идеи, визии. Сите имаме јасна цел на патот кон ЕП 2024 и знам дека заеднички ќе ја исполниме“.

Селекторот Милевски пред утрешниот дуел со Ерменија вели дека мора внимателно да се пристапи на средбата со лидерот во групата кој негува колективна игра.

„Самиот факт дека се на лидерската позиција во моментов во групата доволно зборува за репрезентацијата на Ерменија. Колективот е нивната сила кој го добро го анализиравме и секако има на терен соодветен одговор за тоа. Но, секако, јасно е дека нашите тактички размислувања околу тоа како ќе играме и кој ќе игра не можам да ги презентирам пред јавноста. Сите кои се повикани се со причина повикани во селекцијата и секој од нив е еднакво конкурентен и за првиот тим. Верувам во секој поединец кој е во селекцијата и точно ја знаеме улогата на секој од нив. Така е сега и така ќе биде во иднина“ – истакна Милевски.

Натпреварот меѓу Макединија и Ерменија на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје се игра утре со почеток од 20:45 часот.

Се вчитува...