Милевски: Против Германија не е доволно да се одигра добро само едно полувреме

Селекторот Благоја Милевски истакна задоволство од првото полувреме од натпреварот со Германија, и рече дека головите кои сме ги примиле биле на индивидуални грешки. Милевски рече дека е задоволен како играчите одиграа на тактички план, но против една Германија не е доволно да се одигра добро само едно полувреме.

„Да ја честитам победата на Германија, која е заслужена. Но, од друга страна во првиот дел не можам, а да не бидам задоволен. За жал не искористивме ниту една транзиција во првото полувреме. Во вториот дел сите четири гола се по наши грешки. Тоа нема ништо врска со тактика. Момците одиграа тактички одлично. После првиот гол паднавме и физички, и потоа се случија индивидуални грешки и дојде овој висок пораз“, рече Милевски.

Милевски кажа дека после измената на Адеми се срушила на некој начин концепцијата, и дека против една Германија мора да се виде на ниво сите 90 минути.

„Адеми е важен играч за тимот, и тоа како важен во тие тактички замисли. Имавме и после неговата замена проблеми додека фати ритам Спировски. Подоцна беше добро. Каде се распаднавме? Против Германија не е доволно да се одигра само едно полувреме. Мора да се биде на ниво сите 90 минути ако сакаш позитивен резултат. Во спротивно секоја грешка ја казнуваат, и тоа се случи“, вели Милевски.

На крајот се извини до публиката за изданието во вториот дел и кажа дека и натаму Македонија ќе се бори за второто место во групата.

„Благодарност до публиката за поддршката. Можам да им се извинам само за изданието во вториот дел, но индивидуалните грешки. Но, и тие се составен дел од играта. Да го заборавиме второто полувреме, да играме како првото. Ни остануваат уште два меча до крај против Ерменија и против Исланд да се бориме за тоа второ место. Не се откажуваме од тоа второ место, тоа го напоменав неколку пати. Сме во фаза на освежување на репрезентацијата, создавање на тим кој ќе биде конкурентен за квалификациите за ЕП 2024. Но, тоа не значи дека се откажуваме од овие квалификации и ќе се бориме за тоа второ место“, заврши селекторот.

Се вчитува...