Досегашниот селектор на македонската репрезентација, Благоја Милевски по завршувањето на договорот со Фудбалската федерација на Македонија, кој за него заврши на 30. ноември, со официјално обраќање до јавноста се збогуваше од националниот тим притоа искажувајќи благодарност до ФФМ за континуираната поддршка за неговата работа од 2014 година откако е во Куќата на фудбалот.
Милевски потенцира дека е горд на членовите на стручниот штаб како и сите репрезентативци изминативе години кои со енергијата, посветеноста и упрноста постигнаа резултати кои засекогаш ќе останат во сеќавање.
„Драги поддржувачи на македонската репрезентација, би сакал да изразам искрена благодарност до Фудбалската федерација на Македонија и до сите претседатели на нашата федерација, Илчо Ѓорѓиоски, Муамед Сејдини и Масар Омерагиќ, кои од 2014 година, обезбедуваа услови и поддршка што ни овозможија да постигнеме резултати вредни за историјата на македонскиот фудбал. Посебна благодарност упатувам до претседателот Масар Омерагиќ за континуираната и јасна поддршка во изминатиот период. Таквите основи се неопходни за секој професионален процес да функционира стабилно. Во фудбалот, како и во секоја друга област“ – вели Милевски во своето обраќање преку официјалната страница на ФФМ и дополнува:
„Особено сум горд на нашите фудбалери. Нивната енергија, посветеност и упорност ни донесоа победи и резултати кои ќе останат во сеќавање. Тие покажаа што значи да се игра за Македонија и тоа ме исполнува со вистинска гордост. Благодарен сум и на мојот стручен штаб, медицинскиот и логистичкиот тим за професионалноста и соработката. Секој од нив ја вршеше својата работа тивко и прецизно, како дел од една целина што мора да биде усогласена за да успее. Чест ми беше да ја водам репрезентацијата и да бидам дел од овој заеднички труд. Јас и во иднина ќе бидам со репрезентацијата, со внимание, поддршка и почит“ – порачувач досегашниот македонски селектор Благоја Милевски.
ФФМ, како што информираше, до 25 декември ќе ја донесе конечната одлука околу идниот македонски селектор, за која функција најсериозен кандидат е актуелниот тренер на Вардар, Гоце Седлоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

