Милевски утре со интерен тест од генерацијата 1996 ќе избира кој ќе оди во Полска

Генерацијата македонски репрезентативци 96/97 која треба да го понесе товарот во квалификациите за ЕП до 21 година во Италија, а од која селекторот Благоја Милевски ќе вклучи уште најмалку шест имиња за Европското првенство во Полска со меѓусебен тренинг натпревар утре во 10 часот го завршува подготвителниот собир овој месец.

Селекторот Милевски вели утре на контролниот дуел играчите имаат шанса да се наметнат и да го исполнат тоа што се бара од секој играч на секоја позиција. Се уште се отворени две до три места за патниците на ЕП.

„Рековме дека списокот на повикани фудбалери за Европското првенство ќе биде надополнет со уште шест до седум фудбалери кои ќе бидат од играчите на списокот со генерација 96/97. Кој ќе се наметне ќе видиме утре, има две до три места за кој се уште не сум сигурен, односно ќе одлучиме по утрешниот натпрeвар. Од самите фудбалери, од нивниот ангажман и исполнуваење на тоа што се бара од секој играч на секоја позиција, зависи дали ќе конкурираат за место на шампионатот во Полска. Ако тоа го пренесат на терен и вистински се наметнат, тогаш и ние како стручен штаб ќе имаме релативно полесна задача“ – вели Благоја Милевски.

Фудбалерите кои веќе се најдоа на списокот на Милевски за ЕП во Полска утре го имаат првиот собир во 17:00 часот во хотел „Александар Палас“.

Се вчитува...