Милевски: Важни беа трите бода, играчите се однесуваа на најдобар можен начин

Селекторот Благоја Милевски задоволен од изданието и од резултатот на репрезентацијата на Македонија во Вадуц и победата од 0:4. Селекторот кажа дека пристапот на фудбалерите беше на најдобар начин.

„Уште пред мечот кажав дека максимално пристапуваме на натпреварот, не помислував на било кој резултат, важни ми беа трите бода, важно ми беше како ќе се однесуваат играчите, а тоа го направија вечерва на најдобар можен начин. Пред да почнам со овој тим, напоменав дека сме во фаза на формирање на тим кој ќе биде конкурентен за квалификациите за ЕВРО 2024. Ние сме во фаза на менување на ликот на тимот, и овие квалификации ни служат за подобро воигрување и за што подобра селекција. Дали на крај ќе бидеме втори или не, ќе видиме како ќе завршат овие квалификации, но со сигурност тврдам дека ќе направиме се и дека најмалата шанса ако ја има да ја искористиме“, изјави Милевски.

Милевски кажа дека дуелот со Германија во понеделник ќе биде сосема поинаков од оној во Дуизбург.

„Не се навраќам на тоа што било претходно, само тоа што ни следи. Тоа е натпревар против Германија, кој ќе биде сосема поразличен од тој во Дуизбург, но затоа што имаат нов селектор, нова филозофија, нов лик, и играат сосема различен фудбал. На почеток сме на градење на еден стил на игра, со нова филозофија, со нови барања од играчите, и тие го прифаќаат тоа на најдобар можен начин и нема потреба да менуваме нешто драстично без разлика дали играме со Германија. Да, Германија е супер квалитетна репрезентација, но ние на последните мечеви покажуваме одличен квалитет“, рече Милевски.

Предводникот на националниот тим напомена дека во ниту еден момент не стравувал за резултатот на вечерашниот дуел, и покрај тоа што првиот гол стигна во доцната фаза од првото полувреме.

„Немаше потреба ниту во еден момент да стравувам, затоа што момците уште од стартот влегоа како што се бараше од нив. Од тука да им честитам на професионалноста, на борбеноста и од тоа што се ставија во функција на тимот“, рече Милевски.

 

 

Се вчитува...