Милик водеше инает, сега ќе гледа фудбал од трибини

Аркадиуш Милик одби да си замине од Наполи пред крајот на овој преоден рок, па сега за казна ќе го проследи првиот дел од сезоната во италијанскиот шампионат од трибините. „Наполитанците“ денеска и официјално ја објавија листата од 25 фудбалери кои ќе можат да настапат во Серија А, потврдена и од Калчо-лигата, а на неа не се најде Милик, како казна за пропаднатиот трансфер во Рома.

Полјакот инсистираше на трансфер во Јувентус, но таа опција пропадна со заминувањето на Сари од клупата на „старата дама“. Потоа како опции се споменуваа и Атлетико Мадрид и Тотенхем, но Милик беше најблиску до трансфер во Рома, ги мина и лекарските прегледи во овој клуб, за трансферот да пропадне во „пет до дванаесет“ откако клубовите веќе ја имаа договорено и висината на отштетата.

Голгетерот има договор со Наполи до јуни 2021 година, веќе во јануари ќе може да потпише преддоговор со друг клуб за многу повисока плата од актуелната, а клубот од Неапол за казна реши да го изолира од првиот тим. „Наполитанците“ на списокот од 25 фудбалери го вклучиле шпанскиот ветеран Љоренте за сметка на Милик, кого ќе се обидат да го продадат за минимална отштета во јануари, за да не им се случи тој бесплатно да си замине на крајот од сезонава.

Се вчитува...