Милошевиќ: Добро е да си фактор, но работата не е завршена, ни требаат уште три победи (ФОТО)

МЗТ Скопје со „метла“ против ТФТ во полуфиналната серија се избори за десеттото последователно финале во мак-баскетот. Аеродромци одиграа одлична серија во која ги лимитираа бековите на „црно-белите“ и со тоа го елиминираа најдоброто оружје на противникот – играта во транзиција, го приморија противникот на долги напади и на тешки обиди во рекетот, а избраниците на Смилковски не се прославија и во изведувањето на слободните фрлања.

„Икс фактор“ за актуелниот шампион беше и Немања Милошевиќ кој покрај одличната одбрана одигра и речиси без грешка во нападот. На првиот меч Црногорецот забележа 13 поени без промашување од поле (4/4), 8 скока и 2 асистенции за индекс на користност од 17, а на вториот натпревар го предводеше својот тим со 17 поени (7/11 од поле), 8 скока и 4 асистенции за индекс од 23.

„Во последните неколку натпревари го покажавме вистинскиот потенцијал на нашиот тим. Така и продолживме во плеј-офот. Мислам дека со оваа игра во нападот, но пред се и во одбраната можеме да се носиме со сите без проблеми. Секако дека е добро чувството да се биде фактор, но работата не е завршена, на три победи сме од главната цел. Што се однесува до мене во финалето дефинитивно можете да очекувате добра енергија како во нападот така и во одбраната“, изјави за ЕКИПА крилниот центар.

Првиот промашен обид на Милошевиќ во полуфиналето дојде по речиси четириест минути игра на двата меча, а беше „степ-бек“ обид за три па го запрашавме каква била реакцијата на тренерот Александар Петровиќ.

„Коуч Ацо е темпераментен и во таа ситуација би ја издржал секоја критика, но за чудо само ми кажа дека нема потреба од потег повеќе и да продолжам да ја играм својата игра“, низ смеа вели Црногорецот.

Противникот на МЗТ Скопје во финалето ќе биде познат денеска по „мајсторката“ помеѓу Пелистер и Еуро Никел. Милошевиќ нема посакуван противник, а како што вели на тимот е да продолжи да ја игра својата игра.

„Двете екипи се квалитетни и која и да помине во финалето ќе биде заслужено. Ние навистина немаме фаворит бидејќи наше е да ја одиграме нашата игра и да продолжиме да го наметнуваме нашето темпо па резултатот ќе си дојде“, завршува искусниот кошаркар.

Се вчитува...