Милвоки гази се пред себе – 12 победи во низа

Милвоки продолжува да ги меле своите противници, откако ланскиот финалист на Источната конференција синоќа го декласираше Њујорк со 132-88, 12 победа во низа за „бакс“. Прашањето на победникот беше решено уште во првото полувреме, во кое Милвоки поведе со 72-45, па домашниот тренер реши да ги одмори стандардните првотимци во преостанатиот дел од мечот.

Јанис Адетокумбо мина на теренот неполни 22 минути, период во кој реализираше 29 поени и 15 скокови, додека Ди-Џеј Вилсон максимално ја искористи добиената шанса и постигна 19 поени.

Феникс благодарение на серијата од 12-0 во самиот финиш успеа да слави на гостувањето против Шарлот со 104-109. Букер постигна 23 поени, а Дарио Шариќ оствари дабл-дабл од 16 поени и 10 скокови за победничкиот тим.

Филаделфија полесно од очекувањата стигна до триумф над Јута. Конечните 103-94 не се најреален приказ за односот на силите, ако се знае дека домаќините имаа и „плус 26“, а Јута во самиот финиш успеа само да го ублажи поразот. Херис со 26 и Хорфорд со 17 поени беа најзаслужни за овој триумф на Филаделфија, додека прв стрелец на Јута при поразот беше Руди Гобер со 27 постигнати поени.

Резултати НБА:

Шарлот – Феникс 104-109, Филаделфија – Јута 103-94, Атланта – Голден Стејт 104-79, Мемфис – Индијана 104-117, Милвоки – Њујорк 132-88, Сакраменто – Чикаго 106-113.

Се вчитува...