Милвоки знае како се запира Харден

Милвоки славеше на синоќешната „дерби-пресметка“ со Хјустон, и тоа со убедливи 108-94 откако најдобриот тим на „Истокот“ успеа да го неутрализира Џејмс Харден. Главниот играч на „ракетите“ беше задржан на скромни 23 поени со шут од поле 9/26 (1/9 за тројка), а со такво издание на „брадата“, јасно е дека Хјустон немаше на што да се надева на гостувањето против одличниот тим на Милвоки.

Домаќините настапија без повредените Миротиќ и Гасол, но на своето вообичаено ниво беше Адетокумбо со дабл-дабл од 19 поени и 14 скокови, а одличен беше и Бледсо со 23 поени.

Бостон ја прекина серијата од четири порази триумфирајќи на гостувањето против Кливленд со 106-116. Кајри Ирвинг го пропушти овој меч поради ситна повреда, па најефикасни во таборот на Селтикс беа Смарт и Тејтум со по 21 поен.

ЛА Лејкерс дури откако ги загуби сите шанси за влез во плеј-офот ја прекина губитничката серија, па „езерџиите“ го совладаа Вашингтон за втора победа во низа, што е слаба утеха за Леброн Џејмс. Тој го заврши дуелот со Вашингтон со 23 поени и 14 асистенции, а најдобар стрелец на победничкиот тим беше Колдвел-Поуп со 29 постигнати поени.

Резултати НБА:

Шарлот – Сан Антонио 125-116 (по прод.), Кливленд – Бостон 106-116, Мајами – Орландо 99-104, Торонто – Чикаго 112-103, Милвоки – Хјустон 108-94, Минесота – ЛА Клиперс 111-122, Њу Орлеанс – Атланта 120-130, Далас – Сакраменто 121-125, Денвер – Детроит 95-92, ЛА Лејкерс – Вашингтон 124-106.

Се вчитува...