Минесота со лекција за шампионот Денвер, ЛА Лејкерс по 11 порази конечно ги победија клиперси

Денвер го претрпе првиот пораз во новата сезона откако нагетси настрадаа на гостувањето во Минесота, губејќи со 110-89. Нападот беше далеку од посакуваното ниво, Јокиќ постигна 25 поени и 10 скокови, но немаше помош од соиграчите, па убедливиот пораз беше неизбежен за актуелните шампиони. Најефикасни во победничкиот состав беа Едвардс со 24 и Таунс со 21 поен.

Кошаркарите на ЛА Лејкерс конечно ја прекинаа серијата од неверојатни 11 порази во градските пресметки со ЛА Клиперс, славејќи во драматичен меч дури по продолжение со 130-125. Пол Џорџ постигна 20 поени во последната четвртина (вкупно 35 на мечот) и помогна ЛА Клиперс да се врати во мечот изборувајќи продолжение. Сепак, Џорџ ја заработи шестата лична грешка на стартот од дополнителниот период, по што лејкерси презедоа контрола и стигнаа до победата. Леброн Џејмс беше главна фигура во победничкиот тим со 35 поени, 12 скокови и 7 асистенции, додека кај клиперси најефикасен беше Ленард со 38 поени.

Далас го продолжува перфектниот старт на сезоната откако славеше на домашен терен против Чикаго со 114-105. Лука Дончиќ немаше свој ден во нападот постигнувајќи 18 поени (5/16 шут од поле), но Вилијамс со 25 и Хардавеј со 24 поени ја презедоа одговорноста и му ја донесоа новата победа на својот тим.

Торонто пред своите гледачи го декласираше Милвоки со 130-111. Лилард не настапи за гостите на овој натпревар, а Адетокумбо имаше слаб настап постигнувајќи само 16 поени. Сиакам ги предводеше стрелците на Торонто со 26 поени, додека Шредер реализираше 23 поени и 11 асистенции.

Резултати НБА:

Детроит – Портланд 101-110, Торонто – Милвоки 130-111, Атланта – Вашингтон 130-121, Бостон – Индијана 155-104, Мајами – Бруклин 105-109, Њујорк – Кливленд 89-95, Оклахома Сити – Њу Орлеанс 106-110, Хјустон – Шарлот 128-119, Минесота – Денвер 110-89, Далас – Чикаго 114-105, Јута – Мемфис 133-109, Голден Стејт – Сакраменто 102-101, ЛА Лејкерс – ЛА Клиперс 130-125 (по прод.)

Се вчитува...