Минимален пораз по голема битка со Јапонија

Ракометната репрезентација на Македонија претрпе пораз од 31-32 на вториот дуел од двомечот со Јапонија што беше одигран попладнево во салата во Куманово. Селекторот Лазаров имаше можност да ги види на дело своите избраници против селекција што игра исклучително брз ракомет, на долги периоди не само што париравме, туку бевме и подобар противник, но ја плативме цената за падот на концентрацијата во завршните минути и го минимално го загубивме овој натпревар.

Македонија го почна мечот со Томовски на голот, Ивановски, Серафимов и Кузмановски на бековските позиции, Костески и Џонов ка крила и Стојковиќ како стартен пивот. Првиот напад умешно го реализиравме преку Серафимов, но гостите возвратија и на истекот од третата минута поведоа со 1-2. Се играше брзо и на двете страни, македонските ракометари добро се снајдоа во овој ритам, па на почетокот од 10. минута поведоа со 6-4 со голот од контранапад на Ненад Костески.

Томовски имаше две одлични интервенции во низа, а навивачите имаа причина за уживање по маестралниот цепелин Џонов – Костески за 9-7 во 15. минута од мечот. Сепак, токму во овој гол Јапонците влегоа во мини-серија, за две минути поведувајќи со 9-10. Јапонија стигна и до „плус два“, по што селекторот Лазаров побара тајмаут, но гостите продолжија да ја казнуваат секоја наша грешка и во 22. минута од контранапад поведоа со 10-13.

Пешевски со мајсторски гол со лева рака ја прекина мини-серијата на противникот, одбраната конечно профункционира, па со головите на Николов и на Аларов следеше експресно израмнување, по што јапонскиот селектор мораше да побара тајмаут при 13-13 (24. минута). Македонија влезе во налет, па набрзина дојде до предност од 15-13 на пет минути до крајот на полувремето. Кузмановски не реализираше пенал при 16-15, но на крајот на одмор заминуваме со минимално водство од 17-16 по маестралната двојна одбрана на Мартин Томовски.

Вториот дел почна со нова одлична интервенција на Томовски, проследена со гол од крило на Атанасијевиќ на спротивната страна.  Галевски влезе и одбрани пенал при 19-17. но гостите сепак во 38. минута успеаја да израмнат на 19-19. Во последните 15 минути се влезе со израмнети 24-24, a Лазаров побара тајмаут при минимална негатива од 24-25. Серијата на гостите сепак продолжи, а при 25-28 Томовски се врати на голот за последните десет минути од натпреварот. Преку Серафимов и Џонов експресно намаливме на „минус еден“ (27-28), a потоа со голот на Кузмановски на истекот на 55. минута израмнивме на 29-29.

Јапонија поведе со 30-32, Џонов намали на две минути до крајот, а при 31-32 Лазаров го побара последниот тајмаут. Следеше акција на Џонов, но јапонскиот голманот го запре шутот од крило, за конечен триумф на гостинската селекција од 31-32.

Серафимов беше прв стрелец во нашиот табор со седум гола, преку Костески и Кузмановски со по четири погодоци, додека Томовски имаше 14 одбрани на овој натпревар.

Се вчитува...