Миовски: Среќен сум за дебито…, целосната надмоќ која ја демонстрираме на терен сега резултираше со победа!

Офанзивецот на унгарски МТК, Бојан Миовски дебитираше во сениорската репрезентација на Македонија во победата од 0-4 на гостувањето против Лихтенштајн во Вадуц.

Миовски, кој доби повик во сениорската репрезентација по доаѓањето на Благоја Милевски, не успеа да се запише во листата на стрелците, но и тоа како за оние 30 минути на теренот во Вадуц потврди дека е напаѓач на кој сериозно може во иднина да се потпре националниот тим.

Според Миовски, македонската селекција ги повторила игрите од септемвриските натпревари кога исто така доминираше на терен против Ерменија, Исланд и Романија, но сега не заостанала и реализацијата.

„Може да кажам дека секако сум среќен со дебито во националниот тим. Одигравме онака како што се договоривме со селекторот пред овој натпревар. Целосната доминација на крај ја крунисавме и со четири гола. Македонија одигра квалитетни натпревари и во септември кога заслуживме повеќе бодови, но ете не не посака среќата. Сега се потврди дека со таа тактичка надмоќ и фокус во нападот можеме до победите. Сето тоа ни дава и дополнителен мотив сега и за натпреварот со Германија иако знаеме дека ќе биде многу тежок натпревар против една од најдобрите светски репрезентации“ – вели Миовски.

Македонската репрезентација денеска ги продолжува подготовките во Македонија за дуелот со Германија кој не очекува во понеделник (11. октомври) од 20:45 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Се вчитува...