Мирковски: Следниот период ќе биде клучен за приклучок во првите шест

Куманово новата сезона ја отвори со најава за борба на три фронта, меѓутоа како што одминуваше сезоната така тонеше „сино-белиот“ брод. Поради финансиските проблеми тимот го напуштија неколку кошаркари, беше заменет и тренерот Ѓорѓиевски, а на негово место се врати Владимир Мирковски, стратегот кој ја започна претходната сезона.

По локалните избори се консолидираа и редовите на Куманово, на чело со Мирковски тимот стигна до три победи во четири средби и во моментот се наоѓа на 10. место на табелата со две победи заостанување од шестата позиција која води во Суперлигата.

За изборување за истата на Куманово нема да му биде лесно, поготово со следниот перид кој „сино-белите“ го отвараат со денешниот натпревар против Гостивар, а потоа следат дуели со ТФТ, МЗТ Скопје, Академија ФМП и Пелситер, период кој младиот стратег смета дека ќе биде клучен за позитивен исход на амбициите.

„Колку толку успеавме да се консолидираме во месец ноември, каде од четири натпревари успеавме да добиеме три и фативме приклучок во горниот дел од табелата. Во овој период ни следи тежок распоред, каде играме со Гостивар дома, со ТФТ на гости, МЗТ, Пелистер на домашен терен и ФМП на гости каде се надеваме дека би оствариле позитивен скор на неколку од тие натпревари со што би се избориле прво за топ шест, па понатаму и за топ четири екипи во шампионатот.

Пандемијата не нѐ заобиколи и нас. Неколку кошаркари беа позитивни на коронавирусот во изминатиот период и моравме да заминеме во изолација, така да само неколку тренинзи сме комплетни и колку толку успеавме да се подготвиме за мечот со Гостивар кај што се надевам дека ќе дадеме максимум и ќе се покажеме во најдобро светло и ќе дојдеме до посакуваниот триумф“, вели Мирковски.

Натпреварот во „Перо Наков“ е со почеток од 18 часот.

Се вчитува...