Миркуловски останува на чело на Вецлар: Осум години сум во клубот, знам како функционира…

Управата на Вецлар донесе одлука, Филип Миркуловски во тандем со спортскиот директор Јасмин Чамџиќ да остане на чело на стручниот штаб најмалку до крајот на сезонава.

Миркуловски и Чамџиќ го презедоа кормилото како привремено решение по отказот што му беше врачен на Хрвоје Хорват, но по победата на гостувањето против Гепинген беше донесена одлука тие да останат на чело на стручниот штаб.

„Имавме бројни разговори за време на велигденските празници, исто така  и со играчите кои се дел од тиомт, по што решивме да продолжиме со Јасмин и со Филип. Секако, имаше и други алтернативи, но нема многу време до крајот на сезонава, да дојде нов тренер што ќе се обиде да наметне свој концепт за кој ќе треба време да биде прифатен од тимот. Потребни ни беа луѓе кои знаат како функционира Вецлар, затоа продолжуваме со Чамџиќ и со Миркуловски“, изјави менаџинг-директорот на Вецлар, Бјорн Сеип.

Долгогодишниот македонски репрезентативец е подготвен за предизвикот – да му помогне на тимот од клупата да обезбеди опстанок во елитното друштво.

„Останувањето ми е логично бидејќи навистина нема време за воведување на нови идеи околу стилот на игра. Јас сум осум години во Вецлар, Јаско уште подолго, така што многу добро знаеме што можеме да очекуваме од ракометарите на теренот. Апсолутно сум сигурен дека со напорна работа како екипа ќе успееме да ја оствариме зацртаната цел“, порача Миркуловски.

Се вчитува...