Миротиќ пред неочекувана одлука, размислува за пензија?

Никола Миротиќ би можел да стави крај на својата богата кошаркарска кариера на само 35 години. Иако сè уште нема донесено конечна одлука, медиуми од Шпанија пренесуваат дека искусниот кошаркар сериозно размислува за пензионирање.

Миротиќ летово остана без клуб по разделбата со Монако. За неговите услуги постоеше интерес од повеќе европски екипи, а меѓу клубовите кои се распрашувале за можноста да го ангажираат е и Басконија.

Сепак, според информациите од Шпанија, Миротиќ во моментов не брза со изборот на нова средина и ја разгледува и можноста кариерата да ја заврши порано од очекуваното. Басконија наводно сè уште ја следи ситуацијата, но конечната одлука останува кај искусниот крилен центар.

Минатата сезона Миротиќ настапуваше за Монако и на 31 натпревар во просек бележеше 11 поени и 4,3 скока. По промените во францускиот клуб, тој остана без ангажман, што дополнително ја отвори дилемата околу неговата иднина.

Зад себе Миротиќ има исклучително богата кариера. Пред да се врати во Европа, настапуваше во НБА-лигата за Чикаго Булс, Њу Орлеанс Пеликанс и Милвоки Бакс. Во Европа го носеше дресот на Реал Мадрид, Барселона, Олимпија Милано и Монако, а има настапувано и за Палeнсија.

Во својата кариера освои три титули во Шпанија, четири национални купа и два Суперкупа, додека со Олимпија Милано стигна и до титулата шампион на Италија.

Доколку навистина реши да се пензионира, Миротиќ би ставил точка на кариерата во период кога сè уште постои интерес за неговите услуги. Засега, сепак, нема официјална потврда дека донел конечна одлука за крај на кариерата.

Се вчитува...