Марко Митев ги остави зад себе проблемите што го мачеа, па одличниот бек со нетрпение го очекува новиот репрезентативен предизвик, гостувањето во Прешов (19 часот) на кое сите очекуваме нашите ракометари да направат голем чекор кон уште едно светско првенство.
Митев ја прифаќа фаворитската улога што ја има нашата национална селекција, но и предупредува дека таа улога мора да биде оправдана на терен, потсетувајќи дека фаворити беа и Украинците, кои загубија на двете бараж средби од Словачка во претходната рунда од квалификациите.
„Мораме да бидеме внимателни по она што ни се случи пред две години во Фарските Острови. Играме два меча, вториот на домашен терен, што е добро, но не би сакале да ни се случи повторно да бркаме негатива пред нашите навивачи. Мораме да влеземе стопроцентно, Словачка не е ривал за потценување, го видовме тоа со нивните победи над Украина. Тие резултати навистина беа изненадување за многумина, ги гледавме натпреварите, можам да кажам дека играат специфична одбрана, но се е добро анализирано и подготвени сме. Во спортот не победува секогаш подобриот, не победува секогаш фаворитот, затоа мораме максимално сериозно да си ја сфатиме работата за да стигнеме до победата што сите ја посакуваме“, истакнува Марко Митев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
