Митевски: Ако не ја победевме Беласица, ќе испадневме во Втората лига

Силекс ја совлада Беласица на гости со 0-1 во 27. коло во Првата фудбалска лига, победа со која кратовци се одлепија пет бода од противникот на првенствената табела. Шефот на стручниот штаб на тимот од Кратово, Момчило Митевски, вели дека триумфот е екстремно значаен, а поразот најверојатно ќе значеше и испаѓање во Втората лига.

„Важна победа, бидејќи ако не победевме најверојатно и ќе испадневме од Првата лига. Со победата сега 80 отсто имаме бараж, иако до крајот на сезоната од сите екипи кои ни се ривали за опстанок имаме најтежок распоред. Само ние играме четири натпревари дома, а пет на гости, додека Шкупи, Македонија ЃП и Беласица играат пет меча дома, четири на гости“, изјави Митевски. 

Тој вели дека на врвот на табелата во домашното првенство се е познато. Се знае кои клубови ќе играат во Европа следната сезона, но затоа во долниот дел ќе биде неизвесно до самиот крај.

„На врвот на табелата се е решено. Се знае дека Шкендија, Вардар и Академија Пандев, следната сезона ќе играат во Европа. Борбата за опстанок е далеку понеизвесна. Треба да играме уште еден меч со Беласица дома до крајот на првенството. Се надевам дека сите натпревари ќе имаат фер и коректно судење, а на крајот нека победи подобриот“, додава Митевски. 

Во следното коло Силекс го очекува натпревар со директниот конкурент за седмото место на табелата, Шкупи. Тимот од Чаир се наоѓа во резултатска криза. Шкупи има пет порази по ред во шампионатот, но Митевски вели дека неговите фудбалери одат кај ‘ранет лав’. И покрај слабата форма Шкупи е квалитетен тим и нема да биде лесно да се дојде до трите бода.

„Одиме на меч против ранет лав, затоа тоа е натпревар со две острици. Шкупи е квалитетен тим, тешко е да се игра против нив, посебно на Чаир каде што секогаш имаат по 3.000 навивачи. Минатиот меч водевме со нив 2-0, но на крајот дуелот заврши 2-2. Посакувам добар меч, убав фудбал и нека победи подобриот“, заврши Митевски. 

Мечот од 28. коло во Првата македонска фудбалска лига меѓу Шкупи и Силекс на програмата е в недела.

Се вчитува...