Митков: Не смееме да ја потцениме Ангола

mec baner

Слободниот ден по првиот меч и победата против Тунис добро им дојде на македонските ракометари да се средат мислите и мирно да се подготви играта за денешниот дуел против Ангола. Иако Ангола по рејтинг е аутсајдер во групата Б, сепак, во нашиот состав се свесни дека противникот никако не смее да се потцени.

„Победата против Тунис ни даде една голема самодоверба по тоа што се случуваше во претходните натпревари и се надевам дека самоуверено ќе влеземе и во денешниот натпревар со Ангола. Мора да бидеме концентрирани и да не ја потцениме репрезентацијата на Ангола која може да биде многу незгодна“  – вели Влатко Митков.

Десниот бек на македонската репрезентација кој на денешниот меч сигурно ќе треба да го замени и да го одмори Кире Лазаров на оваа позиција, истакнува дека одбраната ќе биде клучна за добар резултат, не само денеска против Ангола, туку и на наредните три мечеви во групата.

„Мора да постигнуваме лесни голови, да не се мачиме во напад, затоа што од она што го видовме во првиот меч на Ангола против Словенија, тие играат некоја 3-2-1 одбрана, физички се покорпулентни и затоа ние мора да повлечеме повеќе контри и полуконтри и се надeвам дека тоа ќе ни донесе резултат. За да го реализираме тоа, одбраната мора добро да ни функционира. Мислам дека кај нас одбраната ќе ги решава натпреварите. Не само овој против Ангола, туку и другите натпревари што ни претстојат на ова Светско првенство“ – истакнува Митков.

Се вчитува...