Митревски: Зошто да не направиме голем успех на СП!

Контиуниетот на настапи на Македонија на големите натпреварувања ќе продолжи и на СП 2027 откако нашите ракометари без поголеми проблеми ја минаа бараж-пречката наречена Словачка.

Максимален фокус и ангажман во текот на сите 60 минути беше наш заштитен знак и на вечерашниот реванш, противникот не беше потценет и покрај убедливата победа во Прешов пред неколку дена, па избраниците на Лазаров одиграа перфектни 60 минути пред преполните трибини на СЦ „Борис Трајковски“ (38-23) и заслужено на крајот со верните навивачи го прославија новиот мундијалски билет.

По мечот најискусниот во таборот, голманот Никола Митревски ги сподели првите импресии…

„Сосема заслужена двојна победа со Словачка. Првиот натпревар ни беше непознаница, не знаевме колку се квалитетни, игравме добро во Прешов. Видовме дека и тие имаат свои квалитетни играчи, но нашиот квалитет сигурно беше поголем. Игравме од сам старт максимално и таму и дома, сакавме пред наша публика да ја потврдиме победата и таа да биде што поголема за да се претставиме во поинакво светло од некогаш. Да не се задоволуваме со било каков резултат, да учиме од светските ракометни сили дека не се задоволуваме со било кој резултат и да играме од прва до последна секунда. Се надевам дека ова ќе биде победа што ќе ни овозможи уште поголеми успеси и победи во иднина. Ни следи сега настап на СП, зошто да не направиме и таму нешто? Имаме играчи што играат во европските купови, во силни клубови. Со мала среќа, поволна ждрепка и пред се сите да сме здрави, ќе играме максимално. Благодарност до сите што ни дадоа поддршка, беше убаво да се игра пред полна сала и оваа публика.“, рече Митревски.

Се вчитува...