Митровиќ: Црна Гора не загуби, беше ограбена од судиите

Црногорскиот селектор Звездан Митровиќ не може да го преболи поразот на неговата репрезентација на дуелот со Нов Зеланд (83-93), за кој според него виновни се единствено арбитрите. Митровиќ бурно реагираше на неколку судиски одлуки, па уште во првото полувреме беше испратен на трибини од страна на арбитрите.

„Тешко ми е да зборувам за играта во овој момент, само можам да се надевам дека некој ќе сноси последици за судењето на оваа средба. Кошаркарите во соблекувалната се чувствуваа ограбени. Немаме чувство како да сме загубиле, туку како некој да ја ограбил Црна Гора. Ние сме мала земја, го разбирам тоа, првпат сме на СП, но би требале да добиеме барем малку почит. Денеска бевме сведоци на натпревар во кој тројца луѓе во сиво беа во главна улога, а десет играчи на страна стоеја и ги чекаа нивните одлуки“ – изјави Митровиќ.

Црногорците сепак имаат теоретски шанси за пласман во втората фаза од шампионатот. За тоа да се случи Грција ќе треба да слави на дуелите со Бразил и Нов Зеланд, па потоа Црна Гора во последното коло да слави над Бразил со најмалку 12 поени разлика.

Се вчитува...