Мици: За чудо против Розенборг ќе ни треба помош од трибините

Фудбалерите на Шкендија вчера против Беласица го забележаа премиерниот триумф во Првата лига сезонава, па сега со победничка атмосфера ќе влезат во дуелот со Розенборг. Предизвикот е огромен, ќе се брка негатива од два гола против норвешкиот првак, но тетовските „црвено-црни“ се оптимисти дека може да се случи чудо в четврток во Скопје.

За тоа да се случи, левиот бек Гледи Мици ги повика навивачите да дојдат на Националната Арена „Филип Втори“ и да им дадат поддршкка на фудбалерите на Шкендија.

„Фудбалот е толку убава игра токму затоа што е непредвидлив и бидејќи се возможни чуда. Розенборг е силен тим, но ние не се откажуваме од надежта дека можеме да го минеме и да се пласираме во групната фаза. Ќе дадеме се од себе, а неопходна ќе ни биде и помош од трибините. Затоа, ги повикувам навивачите да дојдат во што поголем број и да бидат наш дванаесетти играч. Можам да ветам дека ние ќе одиграме најдобро што можеме, ќе играме со срце и зошто да не – да ги израдуваме со историски успех“ – изјави Мици.

Се вчитува...