МИЗЕРИЈА: Жален Вардар поразен и во Скопје, елиминиран од Пјуник!

Низ уште едно очајно свое издание Вардар, и покрај фаворитската улога, доживеа елиминација од ерменски Пјуник во 1. квалификациско коло за Лигата на Европа. Вардар и на „Филип Втори“ вечерва загуби од Пјуник со 0-2 по што со вкупен резултат од 0-3 и без постигнат гол го заврши својот настап на европската сцена.

На „вардарци“ не им помогна ниту убавата поддршка од трибините, ниту бркањето на Бобан Бабунски од клупата непосредно пред овој меч.

„Црвено-црните“ имаа убава поддршка од своите најверни навивачи „Комитите“, но залудно кога на теренот присутните на „Филип Втори“ беа сведоци на анемични фудбалери кои во првиот дел не создадоа ниту една посериозна шанси за погодок, со кои би се анулирала предноста на Ерменците од првата средба од 1-0.

Напротив, Пјуник и во Скопје по првите 45 минути беше поблиску до предност. Војнов најпрво во 11. минута се најде во одлична позиција но не успеа да реализира, а потоа и Корјан во 35. минута имаше извонредна шанса но мрежата на Гачевски, за среќа, остана недопрена.

Вардар имаше три обиди преку Бериша, Битанг и Мицевски, но далеку од сериозни за вистинско загрозување на противничкиот гол.

Во второто полувреме македонскиот тим почна далеку поагресивно кон голот на Ерменците. Одлична шанса во 47. минута но по корнерот од десната страна, гостинската одбрана го блокираше обидот на Барсегјан. Потоа во 51. минута нова убава шанса за Барсегјан, но брани гостинскиот голман.

Во 59. минута Пјуник имаше нова 100% шанса за гол. Но, Војнов иако осамен на десеттина метри лошо шутираше и Новак го блокираше неговиот обид.

Во продолжението Вардар повторно блед се до 82. минута кога Максимов благо се загани со една полушанса. Но, потоа следеше и казната за македонскиот тим по еден брз контранапад кога Балде во 85. минута погоди за водство од 0-1, а потоа во 88. минута истиот играч ги постави конечните 0-2.

ЛИГА ЕВРОПА – 1. КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО (реванш меч)

ВАРДАР (МКД) – ПЈУНИК (ЕРМ) 0-2 (0-0)

Вкупен резултат: 0-3

Национална арена „Филип Втори“. Гледачи: 4.000. Стрелец: Балде 85′, 88′(П).

ВАРДАР: Гачевски, Тошевски, Манев, Новак, Брдаровски, Попзлатанов (71′ Исени), Битанг, Мицевски, Бериша, Барсегјан, Максимов

Тренер: Александар Васоски

ПЈУНИК: Кобозев (Драгојевиќ 46′), Григорјан, Корјан, Конате, Трусевич, Аракелјан, Војнов, Дмитријев, Хајрепетјан, Кадио, Жестоков

Тренер: Андреј Талалаев

Се вчитува...