Огромните долгови на клубовите кон федерацијата создаваат сериозни проблеми во мак-баскетот со години наназад, но актуелното раководство најде начин конечно да ги израмни сметките за во следната сезона да се влезе со „салдо нула“ за сите учесници и нивните обврски кон куќата на кошарката.Од МКФ уште пред извесно време дадоа рок до клубовите должници, до 31 мај да ги покријат долговите со огромен попуст од 40%, а оние кои нема да го фатат овој рок, ќе можат да ги покријат долговите до 20 јуни, но со попуст од „само“ 20%.
Од МКФ веќе подолго време се во разговори со клубовите должници, речиси сите ветуваат дека ќе го покријат она што го должат, но дел од нив се уште се во сериозен минус во обврските кон федерацијата.
„Оние кои должеа помали суми, речиси сите ги платија парите… Проблем остануваат оние најголеми должници што ги имавме, но и од нив добивме ветување дека долговите ќе се покријат“, информираат од МКФ.
Неофицијално, од суперлигашите станува збор за ТФТ и за Работнички, како и за поранешниот првак во женска конкуренција Баскет Кам. На листата на сериозни должници се и Гостивар и Црн Дрим.
Она што е сериозна новост од куќата на кошарката е новиот систем на лиценцирање, според кој клуб што има долг кон федерацијата, нема да може да добие лиценца за да се натпреварува во соодветната лига. Целиот ситем на лиценцирање е веќе утврден и доставен до здруженијата на клубови, утре ќе биде изгласан и од Управниот Одбор на МКФ, по што ќе стапи на сила со јасна порака до сите клубови – долговите кон куќата кошарката заминуваат во историјата.
„Сметаме дека ова е вистински начин да се стави крај на една непријатна традиција што траеше со години и години наназад. Роковите ќе бидат јасни, клубовите ќе можат до 15 јули да аплицираат за учество во соодветната лига, а потоа дополнители две седмици да го исполнат сето она што ќе се бара од нив согласно пропозициите“, најавуваат од куќата на кошарката.
Новина е што секој тим од Супер-лигата ќе мора да има најмаку по две екипи во младинските категории, а ќе има и лимит за најнизок буџет за плати, и тоа во висина од 100.000 за Супер-лигата, од 30.000 евра за плати на тимовите во Првата лига и 15.000 евра буџет по клуб за плати за елитното женско кошаркарско друштво во Македонија.
По период во кој подолго време во мак-баскетот владееше хаос и се должеше насекаде, ова е вистински конкретен чекор за работите да тргнат напред. Останува само уште да го видиме спроведен на дело…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
