Младинците пред последниот испит – финале со Белорусија за место на ЕП

Младите македонски ракометари вечерва (20 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ играат против Белорусија во финалето на ЕХФ шампионатот (У20) на кој Скопје беше домаќин изминатава седмица. За избраниците на селекторот Данило Брестовац, ова е последната пречка до остварување на целта  – победа и освојување на првото место на шампионатот што носи пласман меѓу најдобрите 16 младински репрезентации што ќе учествуваат на младинското Европско првенство наредната година.

Македонија во финалето, влегува како единствена непоразена селекција на ЕХФ шампионатот во Скопје. Македонските младинци имаат едно реми со Италија од вториот груг во групната фаза и вкупно четири победи, вклучувајќи ја и вчерашната во полуфиналето против Фарски Острови на пенали (27-25).

„Среќен сум со крајниот резултат, но не сум многу задоволен од играта“ – рече селекторот Данило Брестовац по триумфот во вчерашното полуфинале со Фарски Острови и најави дека наредните часови се резервирани за анализа на Белорусија.

Репрезентацијата на Белорусија фажеше за една од фаворитите во оваа конкуренција. Белорусите супериорно го освоија првото место во групата А забележувајќи четири победи и еден пораз од Фарски Острови во последното коло кога веќе го имаа обезбедно првото место. Во полуфиналето, Белорусите ја совладаа Швајцарија со 33-27. Бидејќи во  А групата настапуваа шест, а во Б пет репрезентации, Белорусите имаа еден натпревар повеќе од Македонија до финалето.

„Не беше лесно како што покажува резултатот. Ги изненадивме уште на стартот и кога стигнавме до удобно водство, веќе ни беше полесно“ – истакна белорускиот селектор Алекс Шарејка.

Носители на играта во репрезентацијата на Белорусија се ракометарите од  СКА Минск, левиот бек Дмитри Хмелков кој беше прогласен за најдобар играч во полуфиналето со Швајцарија, средниот бек Артур Руд и десното крило Микалаи Алиохин.

Пред финалето, во натпреварот за 3. Место (17.30 ч.) играат селекциите на Фарски Острови и на Швајцарија.

Се вчитува...