Младата ракометна репрезентација на Македонија го забележа и вториот пораз на Светското првенство во Полска откако загуби од Романија со 27-28 во меч од 2. коло. Нашите надежи може да жалат за поразот бидејќи во еден период во првото полувреме имавме предност од шест гола (16-10).
Натпреварот почна израмнето. Двете репрезентации играа гол за гол, а по петнаесет минути игра беше егал 6-6. Во следниот период избраниците на Раде Стојановиќ одиграа многу подобро во одбраната, па во 20. минута за првпат стигнаа до плус четири 10-6 naјмногу благодарение на одличниот перформанс на голманот Давид Брестовац.
Плус за нас во овој период беше и директниот црвен картон кој го доби првиот дефанзивец на противникот, Андреј Оанчеа. Македонија продолжи со одличната игра и во продолжение па во 24. минута за првпат имавме и плус шест 16-10.
Романците со серија од 3-0, успеаја да намалат на минус три 16-13. Сепак, со одлична игра до крајот на првиот дел „црвено-жолтите“ на пауза заминаа со плус пет 17-12.
По негативата од пет гола на полувреме, Романците вториот дел го стартуваа со игра седум на шест. Ниту ова не им помогна бидејќи Македонија ја држеше предноста, а со влегувањето на Галевски и неговата прва интервенција, следуваше и неговиот прв гол за 21-17. Следуваше уште една интервенција на популарниот Галец по која нашите надежи повторно дојдоа до плус пет 22-17.
Главните судии продолжија да ги исклучваат нашите ракометари, нешто што Романците го искористија за во 48. минута да дојдат на само еден гол негатива (23-22). Романија во 52. минута стигна и до израмнување 24-24, по кое нашите надежи не успеаја да реализираат уште еден напад.
Натпреварот влезе во неизвесна завршница, а во 56. минута по подолго време романскито тим дојде до предност 25-26. Македонија израмни на 26-26, но лоша вест за нас е и тоа што Димитар Узунчев заработи повреда, по која на рацете на соиграчите беше изнесен од теренот. Романија погоди за 26-27, по што следуваше нов нереализиран наш напад. Иако успеавме да се обраниме, следуваше нов промашен зицер па на 50 секунди до крајот на мечот се уште имавме негатива од 26-27. Романија погоди и за 26-28, а до крајот успеавме само да го ублажиме поразот за конечни 27-28.
Димитар Узунчев со седум гола беше прво име во нашиот табор, додека кај победникот Даниел Станчиус заврши со 13 погодоци.
Во последното коло од првата групна фаза нашите надежи ги очекува меч со Исланд кој е закажан за во сабота исто така со почеток во 14 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА