Младинците со трет пораз на третиот меч на СП

Младинската репрезентација на Македонија неславно ја заврши првата фаза од СП 2025 во Катовице откако нашите млади ракометари во третиот меч го претрпеа и третиот пораз, овојпат од селекцијата на Исланд. Вториот минимален пораз од Романија значеше и губење на сите шанси за пласман во следната рунда, што дефинитивно се одрази врз мотивацијата кај нашите ракометари. Така, избраниците на Раде Стојановиќ го одиграа најслабиот меч на овој шампионат и заслужено загубија со убедливи 34-28.

Исланѓаните уште од самиот почеток наметнаа темпо што не успевавме да го следиме, противникот имаше и пет гола предност, но Македонија успеа да се врати и да намали на само еден гол негатива, со голот на Димевски на одмор заминувајќи со минимални 15-14 за Исланд. Сепак, почетокот на вториот дел мина во знакот на противничката селекција, имавме премногу загубени топки во нападот што противникот знаеше да ги претвори во лесни голови на спротивната страна, по што Исланд се одлепи и рутински ја одржуваше предноста до крајот и конечните „плус шест“.

Димитар Узунчев беше најрасположен во нашиот табор со десет погодоци, пет постигна Стојановски, а четири Димевски.

По овој слаб настап во групната фаза, следен предизвик за македонските младинци е настапот во Президент купот од овој светски шампионат.

Се вчитува...