Младинците супериорни до триумф над Холандија

Младинската репрезентација на Македонија игра се подобро во завршницата од Европското првенство – Б дивизија, во кое нашите кошаркари до 20 години разигруваат за пласман од 9. до 16. место.

Откако вчера лесно ја декласираа Грузија, „црвено-жолтите“ попладнево одиграа уште еден извонреден натпревар, триумфирајќи над Холандија со преубедливи 89-60.

Повторно имавме проблеми на самиот старт, па Холанѓаните ја добија првата четвртина со 16-23. Сепак, пресуден беше вториот период во кој Македонија доминираше и го доби со 32-11, целосно вртејќи го резултатот во наша полза. Избраниците на селекторот Велев потоа одиграа добра одбрана и во третиот период (22-13), стигнувајќи до убедливо водство што дополнително го зголемија во завршните десет минути.

Сите кошаркари во македонскиот ростер се запишаа меѓу стрелците на овој натпревар, а најефикасни беа Ќириловски со 18 и Марјановиќ со 12 поени.

Наш противник во борбата за деветтото место ќе биде победникот од вечерашниот дуел меѓу селекциите на БиХ и Азербејџан.

Се вчитува...