Младите „пелистерци“ ја прекинаа црната серија

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 ја прекинаа серијата слаби игри и резултати во Супер-лигата, триумфирајќи на домашен терен над Куманово со 38-29. Вториот битолски тим се наоѓаше во катастрофална форма, со четири порази во последните четири рунди, но денеска младите ракометари одговорија на предизвикот, одиграа далеку поквалитетно од противникот и стигнаа до убедлива победа.

Битолчани тргнаа мотивирано од самиот почеток, отворајќи го натпреварот со рано водство од 6-0. Тие имаа и убедливи 10-2, нешто подоцна водеа и со девет гола (14-5), но падот на концентрацијата пред крајот на полувремето им овозможи на гостите да се приближат и на одмор да се замине со водство на Пелистер 2 од 19-15. Вториот дел мина во рутинско одржување, а пред крајот и зголемување на предноста на домашниот состав, кој на крајот заслужено славеше со девет гола разлика.

Мирчески со осум и Калајџиовски со шест погодоци беа најдобри поединци во таборот на Еурофарм Пелистер 2, додека Дарио Симоноски со седум гола беше прв стрелец на Куманово на овој натпревар.

Се вчитува...