Младите „пелистерци“ лесно го совладаа Пролет

Еурофарм Пелистер 2 продолжува со одлични настапи сезонава откако по добрите настапи во Супер-лигата младите битолчани се пласираа и во финалето од својата група во Купот на Македонија, на гостински терен декласирајќи го составот на Пролет со преубедливи 20-28.

Почетокот намечот беше неизвесен, а Пролет по дваесетина минути игра имаше и водство од 7-6. Голманот Трајковски во тие моменти одбрани неколку одлични удари, по што избраниците на тренерот Јовиќ добија сила и во нападот, па на одмор заминаа со водство од 8-11. Тоа беше се што Пролет успеа да стори на овој меч, во продолжението можеше да се проследи апсолутна доминација на гостите од Битола, кои на средина од второто полувреме стигнаа и до двоцифрена предност од 14-24. Удобното водство му овозможи на тренерот Јовиќ и да одмори дел од првимците во завршните десет минути, но тоа воопшто не се одрази врз резултатот, па Еурофарм Пелистер 2 заслужено стигнаа до преубедлива победа.

Цветан Кузманоски со седум гола ги предводеше стрелците на победничкиот гим, додека по пет погодоци постигнаа Џукиќ и Ѓорговски.

Ривал на Еурофарм Пелистер 2 во финалето од групата ќе биде Прилеп, кој вечерва славеше над КЛ7 со резултат 30-25.

Се вчитува...