Младите ракометари останаа без медал во Грузија

Репрезентацијата на Македонија за ракометари до 18 години не успеа да стигне до медал на ЕХФ шампионатот во Грузија, откако денеска во мечот за третото место загуби од Швајцарија со резултат 31-35. Иако стануваше збор за ривал што претходно во групната фаза го совладаа, нашите млади ракометари делуваа дефокусирано, разочарувањето од вчерашниот полуфинален пораз сигурно го стори своето, па на крајот беше претрпен пораз.

Поголемиот дел од денешното „мало финале“ мина во израмнета игра, Македонија беше подобра во првиот дел од првото полувреме, имаше и водство од 7-4, но противникот набрзина успеа да се врати. На одмор се замина со 16-16, а потоа и двете селекции се менуваа во водство и во текот на второто полувреме. Пресуден сепак беше далеку подобриот финиш на Швајцарците, кои знаеја како да ја казнат секоја грешка на македонските ракометари, за конечен триумф од 35-31.

Без оглед на денешниот резултат, шансите за влез во А дивизијата беа загубени со вчерашниот пораз од селекцијата на Белорусија. Во секој случај, младите ракометари покажаа и докажаа дека поседуваат потенцијал и со продолжување со правилна работа надградба оваа селекција може да даде и нови сениорски репрезентативци.

Се вчитува...