Младите ракометарки испуштија шанса за победа над Фарските Острови

Македонија ремизираше 24-24 со Фарските Острови во својот втор меч на ЕХФ шампионатот за ракометарки до 19 години, дуел во кој нашите репрезентативки пропуштија одлична можност да стигнат до триумф со кој широко ќе си ги отвореа вратите кон полуфиналето. Избраниците на Љубомир Савевски 55 минути имаа целосна контрола над резултатот, но големиот пад на концентрацијата во финишот придонесе во последните секунди да се спасува бод и да се задржат шансите за полуфиналето.

Македонија подобро го отвори мечот благодарение на Ангела Јанкуловска, која постигна три гола во почетните седум минути за водство од 4-2. Селекторот Савевски одлично ја имаше поставено одбраната, што резултираше со две загубени топки на противникот и лесни реализации за водство од 8-4 во 13. минута од мечот. Исклучувањето на Арсениевски им овозможи на противничките да се приближат до 8-7, но нивната серија со својот шести гол на мечот ја прекина Јанкуловска. Савевски побара тајмаут при водство од 11-9, нашите ракометарки го контролираа резултатот до пред самиот крај на полувремето, но на одмор заминаа со само еден гол позитива по погодокот што го примија во последната секунда од полувремето (14-13).

Македонија беше подобар ривал и на почетокот од вториот дел, експресно кревајќи ја позитивата до „плус три“ (16-13). Селекторот на нашата репрезентација се соочи со проблем во 37. минута, кога незгодна повреда заработи Коларовска. По исклучувањето на Миновска противничките повторно се вратија, приближувајќи се на само еден гол разлика (17-16). Голманката Марија Јовановска врза неколку одбрани во серија, но бековската линија како да загуби здив, па Македонија не успеа посериозно да се одлепи (19-17 во 47. минута). Гостинките многу подобро ја чуваа Јанкуловска, која постигна осум гола во првото полувреме, но во вистински момент се разигра Арсениевска, постигнувајќи два гола за водство од 21-19 на десет минути до крајот.

Миновска промаши обид за лоб од пенал при резултат 23-21 за Македонија, во следната акција имавме контранапад, повторно обид за лоб (овојпат на Џатевска), по што казната стигна со гол на противникот за 23-22. Следеше нов промашен пенал, овојпат на Јанкуловска, по што Фарските острови израмнија на 23-23, а македонскиот селектор на помалку од три минути до крајот побара тајмаут. Гостинките успеаја и да поведат, но Ризоска погоди од крило и израмни на 24-24, на една минута до крајот. Фарските Острови ја загубија топката, Македонија имаше напад за победа во последните трисет секунди од мечот, но Костовиќ ја фрли топката во аут и им подари шанса за триумф на противничките за победа. За среќа, го издржавме последниот налет и овој драматичен меч заврши 24-24.

Утре е слободен ден на шампионатот, а нашите ракометарки в среда ќе го играат својот меч од третото коло, против фаворитот во групата Холандија (20.30 часот).

Се вчитува...