Младите „штркови“ први тргнаа со подготовки

Вториот тим на МЗТ Скопје е првиот македонски прволигаш што ги стартуваше подготовките за новата сезона, откако новиот тренер Борче Даскаловски денеска ја одржа првата прозивка со младите кошаркари.

„Како што им доликува на најмладите и најталентираните, тинејџерите од МЗТ Скопје УНИ Банка, први меѓу прволигашите, почнаа со подготовките за новата сезона. Предводени од новиот тренер Борче Даскаловски, иднината на Аеродром излезе на теренот и одработе серија модерни тестови, кои на стратегот му дадоа податоци за тоа со што располага и на што ќе треба да се фокусира до стартот на првенството. Денешниот тренинг мина со целосно запазување на протоколот на КФМ, чија примарна цел е заштита на играчите и останатите од тимот“, објавија од МЗТ Скопје.

Младите „штркови“ минатата сезона не забележаа ниту една победа, но обезбедија опстанок благодарение на одлуката на федерацијата за задржување на сите прволигаши и проширување на елитното друштво.

Се вчитува...