Модриќ емотивно и искрено: Ми фали Рамос, но фудбалот е суров

Екс-капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос минатото лето си замина од тимот на „кралевите“ и потпиша за Пари Сен Жермен, потег кој не се покажа како најдобар ако се земе во предвид целата година, проблемите со повредите, неуспехот на „светците“ во елитното натпреварување.

Ако на ова се додаде дека „кралевите“ без него триумфираа во Примера и ЛШ тогаш повеќе од јасно е дека Серхио ќе сака што поврзо да ја заборави кампањата 2021/2022. Меѓутоа фудбалот е една приказна, додека животот е друга и во оваа втората Шпанецот за голем пријател го има Лука Модриќ.

Хрватот признава дека му недостасува пријателот Рамос, дружбата со него, но во исто време е свесен дека фудбалот е непредвидлив и не знае за емоции.

„Сите заминувања на играчи со кои делите години во многу успешни сезони се болни. Од првиот ден од доаѓањето тој беше блиску до мене, ми помогна да се адаптирам во Реал Мадрид, ме охрабруваше. Тој веруваше во мојот потенцијал. Станавме големи пријатели, нашите семејства се собираа, летувавме заедно. Сè уште разговараме секој ден, барем преку пораки. Ми недостига дружењето со него, но така стојат работите, фудбалот е суров“, истакна Модриќ за ‘Спортске’.

Се вчитува...