Модриќ: Не бидете смешни, па не може на среќа да ги минеме и ПСЖ и Челси

Реал Мадрид игра извонредна сезона, титулата во Ла Лига беше осигурана на четири кола до крајот, а тимот се наоѓа и во полуфиналето од Лигата на Шампионите, каде вечерва ќе брка еден гол негатива против Манчестер Сити.

Лука Модриќ, кој е еден од најдобрите во тимот на „кралевите“ сезонава, јасно стави до знаење што мисли за критичарите кои сметаат дека Реал среќно стигнал до ова полуфинале.

„Па не бидете смешни, не може на среќа да минеме гиганти како што се ПСЖ и Челси. Секој може да мисли што сака, но да се тврди дека освојуваме титули и стигнуваме меѓу четирите најдобри екипи во Европа само на среќа… Верувајте, потребен е огромен квалитет и верба во успех, тоа се факторите што го прават Реал голем тим“, истакнува главниот организатор на играта на „кралевите“.

На „кралевите“ едно им е јасно, на реваншот вечерва во Мадрид ќе мора да играат многу подобро отколку на првиот натпревар во Манчестер.

„Полни сме со самодоверба бидејќи знаеме дека на првиот натпревар не одигравме најдобро, а сепак успеавме да дадеме три гола. Вечерва ќе бидеме уште подобри, овој тим победил бројни големи натпревари, освоил најмногу титули во Лигата на Шампионите и подготвени сме за уште еден спектакл. За да стигнеме до финалето ќе треба да го одиграме својот најдобар меч сезонава, но ние сме подготвени за такво нешто“, изјави Модриќ.

Се вчитува...