Мојсоски: Новиот закон за ваучер-системот ќе биде изгласан до февруари, ќе има помош за сите но ќе ја запреме злоупотребата од нечесните компании!

Ваучер-системот преку кој функционираше целокупниот македонски спорт во последните години е укинат, на начинот на кој досега функционираше, со промените поврзани со Законот за данок на добивка, преку кој беше регулиран истиот. Домашните компании дел од годишната добивка место на име данок во државниот буџет, ја уплаќаа на спортските субјекти како начин за нивно спонзорирање.

Но, од 1. јануари 2024 година се укинати правата и обврските на спортските субјекти за добивање и користење на ваучерите според досегашниот начин. Сето тоа донесе силни недоумици кај клубовите и федерациите затоа што, во меѓувреме, не е донесено друго законско решение, поради што македонскиот спорт влегува во еден нов „вакуум простор“.

Сепак, по укинување на досегашниот начин на користење на ваучерите, од Агенцијата за млади и спорт претходно информираа дека спортските ваучери не се укинуваат, туку се менува единствено начинот на реализација на спортските ваучери, при што државата директно ќе ги исплаќа средствата на спортските субјекти кои ќе имаат право на спортски ваучер.

Директорот на АМС, Наумче Мојсоски денеска на прес-конференција информираше дека веќе е подготвено и новото предлог законско решение, кое според него во Собрание треба да биде изгласано најдоцна до февруари следната година.

„Агенцијата за млади и спорт во координација со Министерството за правда, веќе го подготвија новото предлог законско решение со кои ќе се уреди новиот начин на реализација на спортскот ваучер. Очекуваме сега законот да помине во Министерството за правда, па да влезе во собраниска процедура и да биде изгласано од македонското Собрание накеде до февруари месец“ – истакна денеска Мојсоски, притоа дополнувајќи:

„Може да кажам дека сега критериумите ќе бидат малку позатегнати и парите ќе одат директно на клубовите и федерациите, но јасно е дека повторно ќе има помош како и досега за сите клубови и федерации. Поддршката во спортот со спортскиот ваучер ќе продолжи, оваа мерка со новиот начин ќе се унапреди, и сите кои имаа потешкотии од било кои причини при реализација на спортскиот ваучер, тој проблем веќе ќе го немаат. Злоупотребите од нечесните компании кои бараа услуги за реализација на спортскиот ваучер, ќе престанат и сите средства ќе се користат за унапредување на спортот и за потребите на спортистите. Како и претходно ваучерите повторно ќе се реализираат на двапати во годината, еден дел во март и вториот во јуни“.

Се вчитува...