Кошаркарите на Партизан ја забележаа втората победа во вториот натпревар во Евролигата, „црно-белите“ вечерва остварија убедлив триумф од 92:79 над Париз и тоа како гостин. „Диригенти“ во победата беа бековите Карлик Џонс и Лука Вилдоза и центарот Џекири.
Натпреварот започна со 10:0 за Париз, по што „црно-белите“ предводени од Џонс почнаа да ја намалуваат негативата до крајот на полувремето. Тогаш, Танасковиќ од линијата за слободни фрлања му го донесе првото водство на Партизан од 40:41, а на пауза се замина со 40:44 по тројката на Лакиќ.
Во второто полувреме, кошаркарите на Партизан ги контролираа и ритамот и случувањата на теренот и лесно го приведоа натпреварот до крајот и ја запишаа втората победа сезонава во Евролигата.
Карлик Џонс со 20 поени и пет асистенции го предводеше Партизан каде се истакнаа и Вилдоза со 16 поени и дури шест украдени топки, Џекири 15 поени и Алман со 10 поени. Кај Париз, Најпрецизен беше Хифи со 19 поени.
Во шпанската пресметка Валенсија со 111:88 ја совлада Басконија, додека италијанското дерби му припадна на Милано кој со поените со звукот на сирената на Девон Хол со 87:85 славеше против Виртус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
