Монако ќе игра во АБА-лигата!?

Монако наводно понудил 500.000 евра за специјална покана (вајлд-карта) за настап во АБА-лигата.

Монако се најде во сериозен проблем откако беше исфрлен од француските професионални натпреварувања поради финансиската ситуација во клубот. Така, екипата која минатата сезона ги освои сите четири домашни трофеи во Франција, а во последните години беше и редовен учесник во Евролигата, остана без место во професионалниот систем.

Поради тоа, челниците на клубот бараат алтернативно решение, а АБА-лигата се појави како една од можните опции. Според информациите, Монако е подготвен да плати половина милион евра за вајлд-карта и да стане дел од регионалното натпреварување.

Сепак, шансите за реализација на ова сценарио се оценуваат како многу мали. АБА-лигата веќе го објави списокот на 20 учесници за следната сезона, како и распоредот на натпреварите. Дополнително, донесена е одлука бројот на екипи да остане ограничен на 20, поделени во две групи.

Тоа значи дека дури и доколку Монако официјално ја достави понудата, АБА-лигата би морала да направи сериозни промени за да го прифати клубот од Кнежевството.

Монако во изминатите години се наметна како еден од најсилните европски кошаркарски клубови. Тимот во 2025 година стигна до големото финале во Евролигата, а неодамна ја освои и француската титула, Купот, Лигата куп и Суперкупот.

Се вчитува...