Монако оди на фајналфор, себичниот Пантер е трагичарот на Барса

Монако е третиот учесник на фајналфор турнирот од Евролигата откако „кнезовите“ вечерва по голема битка ја добија мајсторката со Барселона со минимални 85-84. Дуелот беше израмнет до самиот финиш, Џејмс ги постигна победничките поени за Монако, додека Пантер беше трагичар на каталонците, промашувајќи го последниот шут со кој можеше да ја одведе Барса во Дубаи.

Од самиот почеток стана јасно дека ќе се води беспоштедна битка во која двајцата тренери имаа свои „тајни адути“. Барселона тргна одлично преку Џастин Андерсон, додека Спанулис на спротивната страна изненади со центарот Папајанис, кој речиси и да не играше во последните месец дена за Монако, но вечерва беше огромен проблем во рекетот за противникот. Во последната минута Барса влезе со плус еден, но Џејмс мајсторски реализираше. Барса промаши напад, непрецизеен на спротивната страна беше и Папајанис, по што гостите добија седум секунди за последен напад.

Пантер ја зеде топката, Хернангомез имаше очигледна предност во рекетот, но Американецот остана себичен, не додаде никому и шутна тројка од над девет метри, промаши, што значеше и елиминација на неговиот тим од елитното европско натпреварување.

Џејмс со 20 поени беше прв стрелец на Монако, 17 постигна Папајанис, додека најефикасни кај Барселона беа Пантер со 19 и Хернангомез со 16 поени.

Се вчитува...