Монтреал е кошмар за фаворитите, испадна и третиот носител

Мастерс-турнирот во Монтреал се покажува како вистински кошмар за фаворитите, првиот носител Зверев беше елиминиран на самиот старт, вториот Оже Алијасим поради повреда го откажа настапот, а рано утрово пораз претрпе и третиот носител Алекс де Минор, кој загуби со 1-2 во сетови од Британецот Камерон Нори.

Австралискиот тенисер има за што да жали ако се знае дека имаше водство од 1-0 во сетови, а потоа и не искористи меч топка во вториот сет, и тоа при водство од 5-2 и 40-15. Нори го доби сетот во тајбрејк со 7-5, по што Де Минор целосно падна во финишот, па Британецот славеше со убедливи 6-1 во третиот решавачки сет.

Јасно е дека овој турнир ќе добие сосема неочекуван победник, ако се знае дека од Топ 10 тенисерите на АТП листата, меѓу учесниците во Монтреал остана само Бен Шелтон.

Ѓоковиќ, Алкараз и Синер воопшто не настапуваат во Канада, додека Зверев, Медведев, Коболи, Фриц и Де Минор не успеаја да стигнат ниту до четвртфиналето, камоли да се борат за трофејот.

Се вчитува...