Морено по отказот: Ќе останам човек до крај…, мојата совест е чиста!

Роберт Морено со солзи замина во соблекувалната по победата на Шпанија над Романија од 5-0 на крајот од квалификациите за ЕП 2020. Во прв момент никому не му било јасно зошто, а потоа се дозна дека добил отказ.

По отказот Морено преку соопштение се обрати до јавноста…

„По се што се случи изминативе денови и по договорот со сојузот на 19. ноември чувствувам обврска да им заблагодарам на сите за поддршката која ја имав сите овие месеци и да се збогувам со навивачите како селектор на нашата репрезентација“ – пишува Морено, кој својата позиција повторно ја препушти на својот претходник Луис Енрике.

Енрике замина од селекторската позиција во пресрет на дуелот со Малта како би бил со семејството и болната ќерка. Морено прво беше привремен селектор, а потоа доби и постојан договор. Во меѓувреме почина болната ќеркичка на Енрике.

„Пред мечот со Малта се најдов во екстремна ситуација и морав да ја прифатам позицијата селектор. Целта беше да се пласираме на ЕП и тоа го постигнавме на убедлив начин. Сега ми останува само желбата која е неможно да се оствари: Сето ова да не се случеше… Шпанија и онака ќе се избореше за ЕП. Мојата совест е чиста. Бев и ќе останам човек кој го почитува својот збор, па така и на она дека нема да стојам на патот на враќање на Луис Енрике во репрезентацијата. Нека му е со среќа. Секоја негова радост на клупата на репрезентација ќе биде радост и за сите нас“ – пишува Морено.

Се вчитува...