Може ли Лестер до ново европско чудо во Мадрид?

Атлетико Мадрид е предалеку од трката за титулата во Примера, но тимот на Диего Симеоне останува сигурен на патот до ново европско финале, во обид конечно да се закити со трофејот во Лигата на шампионите. Откако без мака го совладаа тимот на Баер Леверкузен во осминафиналето, „јорганџиите“ имаа и среќа при ждребот, па за ривал во четвртфиналето го добија Лестер. „Лисиците“ играат многу добро во последно време, особено по заминувањето на Клаудио Раниери, но тоа не го менува фактот дека Атлетико е огромен фаворит во пресрет на овој двомеч, особено на првиот натпревар што ќе се игра вечерва на „Висенте Калдерон“.

Гледајќи ги квалитетите на двата тима не треба да се очекува убедлива победа. Мислам дека ќе може да се проследи голема битка на теренот, а победникот ќе го реши еден потег, шут, мајсторија. И во двете екипи има големи борци, затоа не верувам дека Лестер свесно ќе ни ја препушти средината на теренот за да се обиде преку контранапади да го загрози нашиот гол. Тие ќе настојуваат да го наметнат сопствениот стил, на нас е да ги спречиме“ – изјави Диего Симеоне во пресрет на денешниот натпревар.

Тренерот на Атлетико Мадрид нема да може да смета на Кевин Гамеиро, што ќе значи нова шанса во нападот за Фернандо Торес и покрај слабите игри на миленикот на домашните фанови.

На спротивната страна, во таборот на Лестер се надеваат дека по елиминацијата на Севилја, „лисиците“ ќе успеат да го земат скалпот на уште еден шпански претставник во ЛШ.

Имаме огромна почит кон Атлетико, но ние не дојдовме овде за да бидеме статисти, туку за да стигнеме до позитивен резултат во пресрет на реваншот на домашен терен. Ова се ноќи во кои се ужива во својата работа, ова се натпревари за кои се живее“ – истакна менаџерот на Лестер, Крег Шекспир.

Лестер ќе биде значително ослабен поради отсуството на капитенот Вес Морган, без чија помош „лисиците“ примија четири гола на дуелот со Евертон во неделата. Традицијата вели дека на досегашните четири дуели меѓу овие два тима Атлетико Мадрид забележал три победи и едно реми. „Јорганџиите“ се без пораз на „Винсенте Калдерон“ кога против себе имаат англиски екипи (пет победи и пет реми).

Се вчитува...